Ах мил мој

Ах, мил мој

Ах, мил мој, ти само да знаеш дека воопшто и не ми е грижа  колку пати да ме блокнеш од твојот живот, зошто јас пак ќе се снајдам и ќе се најдам пак и пак некако нечујно, но полека … на врвот како и секогаш…!

Ако сакаш, може да ти мавнам од таму горе некогаш бар да знаеш дека си ми значел, ама што е сега тука, тука е, минатото на ветрот да го дувне в неповрат, сегашноста на нас младите будалчиња, а иднината допрва ке ја оформуваме, а ти  не припаѓаш нит во минатото, нит во сегашноста затоа што ти веќе бледееш негде и си заробен помеѓу времето и просторот, со еден збор лебдиш мил мој и никогаш повеќе нема да ме дофатиш, за жал, јас таму каде што сум сега не прифаќаат кукавици како тебе, знај!

Таму е место специјално за оние луѓе кои храбро преземајќи ризик вечно љубат, не се плашат од ништо  и никој не може да ги запре.  Ех, тие луѓе се вечни, тие никогаш и нема да избледнат од лицето на земјата, хм, можеби ти прашуваш зошто. Е па мил мој, тие се сетиле на нешто на што ти ни во задгробниот живот нема да се сетиш, знај!… И да, тоа е она истото кое сега ти поминува низ ум додека размислуваш – единствениот доказ дека постоиш, мислиш, чувствуваш – доказот на разумот и чувствата во едно, а тоа е дека некој некогаш ЉУБЕЛ! … Силно, храбро, без престан,  одејќи со самото постоење во вечноста на животот, станувајќи свесен за сопствената вредност, ние специјалните луѓе тука лебдиме на вистинскиот пат, тука љубовта е таа која не` штити затоа што знае дека ние вечно сме ја бранеле и ќе ја браниме додека има воздух во нашите гради, додека има црвенило во нашите образи, црвена крв во нашите вени, а ти, мил мој, не ме проколна, не грешиш ако мислиш така дека со својата себичност си ме проколнал сега и за вечни векови наназад… Не, не е точно затоа што со таа болка што не` напаѓа, друга среќна ѕвезда некаде далеку на небото се раѓа, потоа како некој нејасен пламен светулкаст паѓа навидум мала и слаба светлина која сепак на крај сите луѓе в срце ги гаѓа.

Ах, мил мој, можеби да одлучеше правилно, ќе слетав на твојата страна од гранката, но бидејќи го пропушти тоа, останува само да ти кажам со среќа и ти посакувам се` нај во животот, успех, таму каде што застануваат твоите стапки остави печат – а мојата болка секогаш и секогаш ќе се претвори во радост, а низ тој процес јас се возвишувам се` повеќе и повеќе затоа што горам со пламенот на љубовта, истата онаа која ти не сакаше да ја земеш. Да, мил мој, ете тоа сум јас, а она таму светулцето младо едвај забележливо што лебди во темното и мрачно простанство си да, да, токму ти! Од мојата болка извира желба за креативност за пишување, за ослободување на мојата, чиниш изгубена во просторот и заробена во сон душа, која можеше да биде твоја. Сепак, фала ти за се` што ме научи и што не ме научи затоа што ми даде сила да продолжам напред со својата болка да ја претворам во солза што полека тивко капнува кон морската шир. Таа истата е дел од мојата душа која веќе не е заробена, да, слободна е и го изразува својот афинитет и квалитет преку својот креативен талент вивнувајки се полека, но сигурно кон патот на светкавите звезди, да, оние истите што ги гледаме секоја вечер на синото пространство наречено свето небо!

Кога болката се претвора во креативност, моите раце добиваат чудна и специјална способност да реагираат сами по себе да посегнат и по најблиското пенкало земајќи го и држејќи го цврсто в рака и да се нурнат во длабочините на вечното пространство. Да, фала ти мил мој што ми го овозможи ова чудо, овој дар како да паднал, чиниш од ангелите на небото. Ти благодарам уште еднаш за се`, почивај си, одморај се и удави се убаво онака со својата рамнодушност и така сигурно далеку ќе стигнеш. Моето срце не е камен, но не е ни меко како свила, туку како темната страна на месечината. А знаеме дека месечината има повеќе страни, зар не, мил мој? Да, тоа значи дека кога и да е таа ќе се преобрази  или трансформира во истата онаа првобитна состојба во која била во некое незнајно далечно време. Ах, колку ти е само всушност прекрасен и прилично убав, дарежлив за секого нашиот мил, еден и единствен, со еден збор, Живот!

Leave a comment